Блокотехна со задоцнување се приклучи на БИБЛ-лигата, но ниту згуснатиот распоред не беше пречка за тимот на Марјан Илиевски да влезе во победнички ритам и повторно да се најде при самиот врв од табелата во регионалното натпреварување. Тимот од Гевгелија синоќа за ривал го имаше составот на Теута, кој неодамна го крена пехарот во Купот на Албанија, но си замина од салата „НОЕЛ“ со негатива од 28 поени (90-62).
„Можам само да им честитам на моите кошаркари за одличното издание и за заслужената победа. Покажуваме карактер, играме одлично без оглед на проблемите со ростерот и повредите на клучните играчи. Штотуку се врати Младеновиќ, а сега останавме без Главчев, но не дозволивме тоа да се одрази врз играта и резултатот против Теута. Морам да сум задоволен бидејќи сигурно чекориме кон нов фајналфор во БИБЛ-лигата, се надевам дека во следните денови конечно ќе се комплетираме, за да можеме да се претставиме во најдобро светло на претстојниот завршен турнир од Купот на Македонија што ќе се игра во Гевгелија“ – истакна тренерот Илиевски.
Блокотехна во следното коло од македонското првенство ќе му гостува на тимот на Шкупи, меч на кој екипата од Гевгелија е огромен фаворит за освојување на бодовите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА