Илиевски: Работнички полошо од она со Вардар не може, Купот со Шкендија е шанса за рехабилитација

Работнички утре ја пречекува Шкендија во осминафиналето од Купот на Македонија. Натпреварот ќе се одигра на теренот на ФФМ, со почеток во 14 часот.

По првенствениот пораз од Вардар, тренерот Милан Илиевски очекува од фудбалерите да одиграат многу подобро, да покажат дека можат и да ја свртат сезоната во позитивна насока.

„Утрешниот натпревар против Шкендија во Купот е вистинскиот мегдан за Работнички дека може многу подобро. Полошо од изданието што го имавме против Вардар веројатно дека и не може. Мислам дека сега треба сите ние да смогнеме сили и да покажеме дека сме способни за многу повеќе. Желба, цврстина, карактер, победнички дух, тоа се карактеристики што отсекогаш го краселе Работнички и овој тим мора да знае дека треба да прикажува такви игри. Имавме еден меч против Шкендија во првенството оваа сезона, имавме водство до судиското продолжение, а потоа примивме два гола и загубивме. Се надевам дека научивме многу од тие грешки и верувам дека ќе бидеме многу, многу подобри од претходниот натпревар“ – изјави шефот на стручниот штаб на Работнички, Милан Илиевски.

Натпреварот меѓу Работнички и Шкендија ќе го суди Александар Грујоски од Кичево.

Се вчитува...