ФОТО: Илиевски се враќа во тимот, Милевски со иста формација во поход кон победа

Нема отстапување од формацијата со тројца стопери и двајца офанзивни и дефанзивни крилни играчи во обидот македонската фудбалската репрезентација да дојде до трите бода во мечот против Казахстан.

Иако оваа тактика немаше креативност во нападот против Белгија, сепак, нема да има промени кога станува збор за формацијата. Самата Белгија исто така беше „причина“ што Македонија не можеше да направи многу во офанзива, па сега се очекува оваа иста тактика да „запали“ против Казахстан и да се дојде до трите бода.

Јасно е дека Висар Муслиу ќе го нема во составот на Македонија, па така во одбраната сигурно ќе има најмалку две измени. Покрај тоа што еден од Велковски и Серафимов ќе влезе во стартниот тим, а можеби и двајцата, на десната страна се очекува да се врати Бојан Илиевски. Во средниот ред на овој меч се очекува шанса во првите 11 овојпат да добие Исник Алими, кој во Гент влезе од клупата. Дилемата е исто така дали да почне Тихомир Костадинов или да се одмори, па ако има потреба да се уфрли во вториот дел, со оглед дека во Гент тој истрча блиску 12 километри.

Во нападот не се очекуваат промени, односно Елмас како поддршка за Миовски, иако офанзивно од средниот ред ќе дејствува и капитенот Енис Барди.

Се вчитува...