Марјан Илиевски оствари извонреден успех предводејќи ја Блокотехна до историски прв трофеј во БИБЛ-лигата, и тоа во ситуација кога поради повредите на Мијатовиќ и на Главчев целиот товар падна врз само пет кошаркари, кои одиграа два одлични меча во два дена и го искачија тимот од Гевгелија на врвот на регионалното натпреварување. Македонскиот стратег заслужено се закити и со признанието за „тренер на сезоната“ во БИБЛ, остварувајќи одлични резултати иако Блокотехна со задоцнување се приклучи на регионалното натпреварување и настапуваше во згуснат распоред.
„Сатисфакцијата е голема од секој поглед, да се освои овој трофеј кој е од големо значење за сите во клубот, како награда за напорната работа од првиот ден на постоењето на Блокотехна. Кажав и пред тој фајналфор, повредите само уште повеќе ќе ги мотивираат оние кои ќе настапат и токму тоа се случи, со добра тактичка подготвеност и максимална ангажираност на кошаркарите стигнавме до овој трофеј“ – истакна Илиевски.
Македонскиот стратег воедно е и најтрофеен во БИБЛ, за него ова беше втора титула во регионалната лига по онаа освоена пред четири сезони на чело со Приштина.
„Секој трофеј си има свое значење, оној со Приштина бидејќи ми беше прв во кариерата во БИБЛ, а овој вториот има дополнителен шарм бидејќи е освоен со македонска екипа. Ова е наш начин да им се заблагодариме на навивачите за поддршката што ни ја даваат од самиот почеток на проектот Блокотехна, на цела Гевгелија која заслужи да се радува на трофеј. Во период во кој мак-баскетот не е на нивото на кое сите посакуваме да биде, оваа успешна приказна нека означи чекорење напред и на останатите полиња. Воедно, би сакал искрено да му посакам и на МЗТ Скопје да стигне до АБА1 лигата, каде што реално и припаѓа, за мак-кошарката полека, но сигурно да се враќа на посакуваните патеки“ – вели стратегот на Блокотехна.
Предизвиците за Илиевски не престануваат со освоениот пехар, денеска Блокотехна го стартува настапот во Супер-лигата со домашниот меч против Гостивар, а од петок до недела заедно со Кожув е ко-домаќин на завршниот турнир од Купот на Македонија.
„Немаме време за славје порази згуснатиот распоред пред нас, во Супер-лигата и во Купот на Македонија. Целта ни останува иста како и досега, на секој натпревар да играме најдобро што знаеме, да покажуваме игра со која ќе ги освојуваме симпатиите на навивачите и на јавноста, но и ќе бележиме победи. Тоа е она што добро го правевме досега и очекувам да продолжиме во ист стил и во следните два месеци, до крајот на сезонава“ – изјавува Илиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА