Македонската кошаркарска репрезентација забележа две победи на првите две пријателски натпревари во подготовките за претквалификациите за Светското првенство совладувајќи ја два пати Швајцарија во натпреварите одиграни во Гевгелија.
Селекторот Марјан Илиевски изрази задоволство од прикажаното на пријалтеските средби и сработеното досега, но напомена дека репрезентацијата ја очекува уште многу напорна работа до натпреварите против Романија и Унгарија.
„Јас секогаш ќе се согласам и ќе кажам дека без разлика колку поени сме дале, треба што помалку да примиме. Тоа што ме радува е енергијата и хемијата кои функционираат беспрекорно во репрезентацијата. Во однос на загубените топки бевме подобри од првиот меч. Дел од играчите се жалеа на болка, и затоа не беа во конкуренција. Забелешката која ја имаат некои се кошевите кои се постигнати помалку, а имавме кошаркари кои се на 20. годишна возраст кои треба да ги поддржиме.
Нормално е да има пад на играта кога ќе бидат на теренот. На двата меча почнавме со различни петорки, но веќе имаме визија кој и колку може. Меѓутоа, многу кратко сме заедно за да фаворизирам некои пет играчи. Нè краси транзиција и тоа што секој играч го дава максимумот. Имаме уште скоро една недела да работиме пред Романија, задоволен сум од досега сработеното, но имаме уште многу за работа“, изјави Илиевски.
По еднодневниот одмор репрезентацијата продолжува со подготовките во главниот град и следи анализа на првиот противник – репрезентацијата на Романија.
„Романија сè уште не сме ја анализирале, зашто не знаеме кој е нивниот странски играч, иако веќе знаеме кој е носител на нивната игра, па тоа ќе го видиме во следните денови“, додава македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

