Екипата на Блокотехна останува најпријатно изненадување на домашната кошаркарска сцена, со одличните настапи во македонскиот шампионат, каде моментно овој тим е второпласиран, но и во БИБЛ-лигата каде екипата од Гевгелија се наоѓа на чело на табелата. Како освежување на домашната кошаркарска сцена, од Блокотехна со право се очекува овој проект да продолжи да се развива во вистински правец, откако годинава беа поставени темели на сериозен кошаркарски колектив. Единствениот натпревар на кој избраниците на Марјан Илиевски одиграа далеку под своите можности беше гостувањето против Работнички, каде беше претрпен пораз од 71-55, па јасно е зошто кошаркарите на Блокотехна максимално мотивирани влегуваат во денешниот дуел со лидерот на табелата.
„Тоа беше натпревар одигран во период кога имавме згуснат распоред, малку бевме изморени, немавме и свој ден, па Работнички заслужено триумфираше убедливо. Сепак, очекувам ова да биде сосема поинаков дуел, играме на домашен терен каде сезонава се прикажуваме во одлично светло и очекувам тоа да биде случај и на пресметката со лидерот на табелата“ – вели тренерот Илиевски.
Тој има високо мислење за денешниот ривал, кој во однос на претходниот дуел во Скопје сега е посилен за уште еден македонски репрезентативец, Кире Николовски.
„Работнички има квалитетни странци, но како што реков и пред првиот натпревар, многу работи во играта се вртат околу македонските играчи. Во однос на натпреварот во Скопје тие сега го имаат и Николовски, што им овозможува полесна ротација на домашните кошаркари. Ние исто така го променивме ростерот во однос на тој меч, но ротацијата во секој случај ни е покуса. Како и да е, ова е дерби натпревар, дуел на две екипи што цела сезона играат квалитетна кошарка и очекувам тоа да го потврдиме и во Гевгелија“ – изјави Илиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА