Илинден не е Вардарден: Македонски менталитет, Копенхаген оди понатаму во ЛШ

Македонскиот првак Вардар е елиминиран од ФК Копенхаген во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите. Со играч помалку, данскиот тим покажа класа кога беше најпотребно, постигна два гола во завршницата и го совлада Вардар со убедливи 4-1. Сега „црвено-црните“ ќе одат во плејоф колото од Лигата на Европа, како утешна награда за тоа што го елиминираа Малме во претходното коло.

На Илинден, Вардар имаше огромна шанса, негатива од 2-1 која го носеше понатаму и играч повеќе на 15 минути до крајот, и дозволи да прими два гола. Класичен македонски лузерски менталитет.

Натпреварот не можеше да започне полошо за Вардар. Веќе во првата минута, првата акција, откако одбраната на македонскиот првак ја одби топката, таа дојде до Грегуш, кој распали од 25 метри и постигна прекрасен гол за водство на ФК Копенхаген.

Champions League FC København-FK Vardar Skopje

По ова, Андрија Павловиќ го погоди дирекот во 16.минута, а Вардар возврати три минути подоцна. Барсегјан нафрли од десната страна, Бобан Николов се најде на пеналтикот, и со одмерен удар ја затресе мрежата на Олсен. Беше тоа одлична акција, а „црвено-црните“ дојдоа до посакуваниот погодок, што им даде крилја.

Но, данскиот тим тоа не го поколеба. Во 26.минута, домаќинот повторно дојде до водство. По корнерот од левата страна, Вербич нафрли, Луфтнер упати удар со глава, топката удри во Барсегјан, го смени малку правецот и ја погоди мрежата на Гачевски. На ФК Копенхаген повторно му беше потребен еден гол, за да стигне во следната рунда.

vardar

На полувремето, Седлоски повлече потег и на местото на Којашевиќ, во игра го уфрли Брдаровски. Малку позатворена варијанта, но Вардар имаше резултат што го носи во плејоф колото од Лигата на шампините. Арно ама, тоа се покажа дека не е правилната замена.

На почетокот од вториот дел, Вардар успеа малку да ја смири играта, да воспостави контрола. Данскиот првак напаѓаше, но без посебна идеја како да го пронајде патот на топката зад грбот на Гачевски. Во 68.минута, Барсегјан повлече брз противнапад, а Фелипе избрза со проигрување со петица и можноста пропадна. А три минути подоцна, ФК Копенхаген остана со играч помалку, откако стрелецот на првиот гол, Јан Грегуш, беше исклучен поради два жолти картони.

Но, и со фудбалер помалку ФК Копенхаген стигна до трет гол. Бенгтсон нафрли од левата страна, тоа беше топка на Гачевски во петерецот, а Федерико Сантандер остана сам и со удар со глава погоди на вистинското место. Во 75.минута, вардарци потклекнаа во одбраната и тоа беше кобно.

kopenhagen - vardar 2

Во 84.минута, повторно Бенгтсон нафрли од левата страна, шутираше Сотириу откосо од десната страна, а Гачевски одбрани.

Блажевски се обиде со шут од далечина во следниот напад, но и Олсен одбрани.

А, потоа класичен противнапад на ФК Копенхаген, Гачевски го собори Вербич и судијата Џон Битон покажа на белата точка. Сотириу беше сигурен реализатор и отиде шансата. Копенхаген победи со 4-1 и продолжува понатаму, во плејоф колото од ЛШ.

Pieros Sotiriou (Penalty) GOAL HD – FC… by footballgoalshow

ЛИГА ШАМПИОНИ – ТРЕТО КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО

ФК КОПЕНХАГЕН – ВАРДАР 4-1 (2-1) ВКУПЕН РЕЗУЛТАТ 4-2

Стадион „Паркен“. Гледачи: 15.000. Судија: Џон Битон (Шкотска). Стрелци: Грегуш 1’, Барсегјан автогол 26’, Сантандер 75’, Сотириу пен. 88’ (ФК Копенхаген), Николов 19’ (Вардар). Ж. картони: Грегуш, Сантандер (ФК Копенхаген), Демири (Вардар). Црвен картон: Грегуш (ФК Копенхаген)

ФК КОПЕНХАГЕН: Олсен, Томсен, Луфтнер, Јохансон, Бенгтсон, Грегуш, Квист, Вербич, Туту (82’ Аманква), Сантандер (78’ Матиќ), Павловиќ (83’ Сотириу).

ВАРДАР: Гачевски, Хамбарџумјан (77’ Блажевски), Грнчаров, Новак, Демири, Спировски (82’ Џигаури), Николов, Фелипе, Барсегјан, Којашевиќ (46’ Брдаровски), Балотели.

Се вчитува...