Илиоски и Релјиќ најдобри спортисти на Македонија за 2024 година

Министерството за спорт и Сојузот на спортски федерации на Македонија, на свечена церемонија во Националната опера и балет, вечерва ги прогласија најдобрите во македонскиот спорт за 2024 година.
Традиционалната манифестација „Спортист на годината“ оваа година одбележа 70-годишен јубилеј. Признанието спортист на годината за 2024 му припадна на кикбоксерот Бобан Илиоски, европски шампион во категоријата до 86 кг. на ЕП во Атина. Најдобра спортистка за 2024 година е таеквондистката Милијана Рељиќ, македонска олимпијка и четвртфналистка од Олимписките игри во Париз.

Наградите на најуспешните македонски спортисти за 2024 година им ги врачија, претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски.

„Денеска им оддаваме признание на најдобрите – спортистите кои со својата посветеност, дисциплина и талент ги поставија највисоките стандарди. Секако, не смееме да ги заборавиме ни тренерите, клубовите, федерациите и сите спортски работници кои со години стојат зад нивните успеси. Денешниот настан е доказ дека спортот ги руши сите бариери – политички, етнички и социјални – и ја обединува нацијата. Во годинава што изминува, Македонија по две децении конечно доби Министерството за спорт. Оваа институција треба да го издигне и да го врати македонскиот спорт на местото што го заслужува. Спортот бара жртви, но носи и многу радосни моменти како овој денеска. Бидете упорни и истрајни на тој пат. Победувајте за себе и за Македонија“, порача министерот Борко Ристовски.

Најуспешна федерација е Македонската таеквондо федерација, а ракометарите ги собраа наградите за најдобар машки и женски национален тим. Најуспешен тренер/селектор е Кирил Лазаров, додека најуспешен спортист со инвалидитет е Оливера Наковска Бикова.

На годинашното јубилејно 70-то издание на изборот „Спортист на годината 2024“ беа доделени и две специјални признанија за истакнати резултати и посебен придонес во промоцијата на македонскиот спорт.

Истакнатите македонски ракометни судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов добија плакета како достојни претставници на Македонија на меѓународна сцена, на Олимписки игри, европски и светски првенства и клупските ракометни натпреварувања од највисок ранг.

Европскиот вицешампион од Европското таеквондо првенство за кадети, Теодор Стојановски доби плакета како откритие на годината млад спортист – кадет. Манифестацијата „Спортист на годината 2024“ ја организираа Министерството за спорт и Сојузот на спортски федерации на Македонија, а изборот на најдобрите за 2024 е направен според гласовите од националните спортски федерации и од спортските новинари.

Најуспешните екипи во училишен и во универзитетски спорт се избрани по одлука на Федерацијата за училишен спорт на Македонија и Универзитетската спортска федерација на Македонија.

Добитници по категории:
Спортист на годината: Бобан Илиоски (кикбокс)
Спортистка на годината: Милијана Рељиќ (таеквондо)
Најуспешен млад спортист: Силвио Мировски (кикбокс)
Најуспешна млада спортистка: Ива Младеновска (ракомет)
Најуспешен женски национален тим: Ракометна репрезентација на Македонија – сениорки
Најуспешен машки национален тим: Ракометна репезентација на Македонија – сениори
Најуспешен тренер/селектор: Кирил Лазаров (ракомет)
Најуспешна национална спортска федерација: Македонска таеквондо федерација
Најуспешен спортист со инвалидитет: Оливера Наковска Бикова (стрелаштво)
Најуспешна спортска екипа од Универзитетите: Машкиот кошаркарски тим на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје
Најуспешен училишен спортски клуб од средните училишта: СОУ „Јане Сандански“ – Струмица
Најуспешен училишен спортски клуб од основните училишта: ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ – Скопје

Се вчитува...