Македонскиот кикбоксер Бобан Илиоски се пласираше во полуфиналето на Светското ВАКО првенство кое се одржува во Албуфеира, Португалија.
Илиоски во четвртфиналната борба во дисциплината Лоу Кук (до 86 килограми) го победи Алберт Угринчиќ од Босна и Херцеговина со 3-0 па во полуфиначето ќе ги одмери силите со Елјан Алкишијев од Азербејџан кој славеше со 2-1 против Бразилецот Евертон Роча де Карваљо.
Со пласманот во полуфиналето Илиоски обезбеди најмалку бронза на Светското првенство, но желбата е секако место во финалето и битка за златниот медал.
„Боби многу паметно се бореше, не се впушташе во непотребни ризични акции. Слушаше од агол се што му се кажуваше и во целост го применуваше тоа. Имаше постојана доминација над противникот и борбата ја држеше под контрола сите три рунди. Нема повреди, со Господ напред одиме понатаму до злато“ – ни изјави од Португалија, селекторот Дејан Митровски-Урко.
Претходно Андреа Костовска прва настапи од македонските кикбоксери и загуби во четвртфиналето од Унгарката Фани Лаура Ковач со 0-3.
Останува и настапот на Климент Грозданоски во дсциплината Кик Лајт (до 89 килограми). Грозданоски во четвртфиналето ќе се бори против Жосуе Ортега од Венецуела.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА