Колумбискиот интернационалец Хамес Родригез по завршувањето на оваа сезона и дефинитивно ќе го напушти Реал Мадрид, информира шпанскиот весник „Ас“, кој важи за добро информиран од „кралскиот клуб“. По инцидентот што го направи Хамес на гостувањето против Леганес, кога не се поздрави со тренерот Зинедин Зидан, кој го повлече од игра во второто полувреме, а притоа и му упати погрдни зборови, раководните луѓе на клубот и дефинитивно одлучија да го продадат во летниот преоден рок.
Колумбиецот не се снајде најдобро на „Сантијаго Бернабеу“ иако пристигна како голема ѕвезда, а најголем дел од натпреварите ги проследи од клупата за резерви, или пак влегуваше на теренот во второто полувреме. Очигледно дека тоа го фрустрира Хамес Родригез, иако тренерот Зидан, барем јавно, соопшти дека тој е важен дел од тимот и не гледа никаков проблем во неговиот однос.
„Сите фудбалери сакаат да играат постојано. Но, јас сум тренер и јас одлучувам. Го водам тимот најдобро што знам и сакам да имаме успеси“, изјави Зинедин Зидан.
За Хамес Родригез се интересираат Манчестер јунајтед, Јувентус, Баерн Минхен и Пари Сен Жермен, а се чини дека најблиску е до заминување во Премиер – лигата. Реал Мадрид би бил задоволен со отштета од околу 60 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА