Репрезентацијата на Хрватска ќе направи уште едно изненадување, или Бразил уште еднаш лесно ќе мине и ќе се пласира во полуфиналето на Мундијалите? Одговорот ќе го добиеме денеска некаде околу 18 часот, а можеби и подоцна во дуелот со кој почнуваат 1/4 финалните пресметки на Светското првенство во Катар.
Хрватска сака да го повтори успехот од минатото Светско првенство, а Бразил ја посакува титулата, која ја чека цели 20 години и да стане „недопирлив“ со шест титули на светскиот трон. Хрватска на патот кон 1/4 финалето ја елиминираше Јапонија на пенали, Бразил многу полесно го совлада тимот на Јужна Кореја.
Бразилците главно во овие денови во фокусот на вниманието поради танцувањето и прославата на головите, сепак, истакнаа респект кон противникот, со надеж дека ќе издвојуваат победа.
„Мораме да ја респектираме Хрватска. Тоа е вицешампион од последниот Мундијал, и тоа е многу силна репрезентација. Искусен тим, навикнат на вакви натпревари, тоа е тим со играчи од над 30 години, со искуство на големите натпреварувања. Се надевам дека ние ќе бидеме вистинските и ќе дојдеме до победата“, изјави Тите, селекторот на Бразил кој на прес-конференцијата вчера повеќе коментираше за бразилскиот танц и рече дека тоа е дел од културата на Бразил.
Хрватите после исцпрувачкиот меч со Јапонија и триумфот на пенали, веќе направија голем успех. Но „коцкастите“ не сакаат да застанат тука, имаат апетити за ново полуфинале на Мундијалите.
„Немаше многу време за подготовка, беше важно да се одмориме после Јапонија. Соса ќе конкурира за настап, иако нема многу да менуваме. Знаеме што можеме, направивме фантастичен успех со речиси нова репрезентација и сега играме против најголемиот фаворит на СП. Подготвени сме, ќе се трудиме и ќе дадеме се од себе.
Ова може да ни е најпредизвикувачки натпревар, и најтежок противник на ова СП. Може да се спореди со финалето пред четири години против Франција. Можеби овој меч дојде прерано, но некогаш ждрепката ќе не помилува, некогаш не. Хрватска е една мала земја која успешно се носи со големите и не сакаме на тоа да застанеме. Модриќ и јас се договоривме да го извадам со Јапонија, и за среќа се заврши се добро. Сега ќе биде поодморен“, рече Далиќ.
На следниот ЛИНК статистички податоци поврзани со натпреварот кои можеби не сте ги знаеле.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА