Македонската репрезентација, ако се суди согласно актуелната ситуација во финишот од квалификациската група за пласман на СП 2026, го игра веројатно најзначајниот натпревар на домашен терен во своја 32-годишна историја!
Како никогаш досега во историја, овој национален тим на Благоја Милевски пред последните кола во едни квалификации е лидер на табелата и со максимални шанси за освојување на водечките две позиции во групата. Бројни се математиките актуелниве денови и околу шансите на Македонија за освојување на првото место во групата и директен пласман на Мундијалот 2026, но тоа во овој момент е, и тоа како, во втор план.
Најважно во моментов е да се даде максималната поддршка на репрезентативците, кои и досега со сите свои настапи изминативе две години не направија повеќе од горди. Затоа е неопходна полна арена „Тодор Проески“ и крилја за момците кои, повеќе од јасно е, дека ќе атакуваат на трите бода против Казахстан. Три бода кои не оставаат со сериозни шанси до последното коло за мундијалскиот сон! А, математиките во ноември ќе се активираат!
Од Фудбалската федерација на Македонија, токму во таа насока, претходно информираа и дека: „Влезот ќе биде бесплатен на Источната трибина за младите фудбалери придружувани од своите тренери од Детска лига, фудбалските школи од регионалните лиги и сите млади категории (пионери, помлади пионери, кадети, младинци) во клубовите во системот на натпреварување на ФФМ. Бесплатен влез на источната трибина ќе имаат и сите ученици придружувани од својот родител од основните училишта!“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

