Осум години Роберт Кубица се опоравуваше од тешките повреди со кои се здоби на рели-трката во Италија, имаше 18 операции, животот му висеше на конец, за малку ќе останеше без десната рака со која се уште не може да го стегне воланот, но, на крај неговата упорност се исплати и тој се враќа во Формула 1. Полскиот возач потпиша договор со Вилијамс и од следната сезона ќе биде втор возач во тимот на местото на Сергеј Сироткин.
Кубица дебитираше во Ф1 во 2006 година како возач на БМВ Заубер. Тој беше прв полски возач во историјата на ова натпреварување. Неговата единствена победа во Ф1 датира од 2008 година кога славеше на трката за ГН на Канада. Во 2010 година од Заубер премина во тимот на Рено и тоа беше неговата најуспешна сезона со оглед на тоа што францускиот тим тогаш имаше лимитиран болид.
И кога беше во најдобриот период од кариерата, ја почнуваше втората сезона во Рено и имаше веќе договорен трансфер во тимот на ферари во кој од 2012 година требаше да вози заедно со Фернандо Алонсо, се случи тешката несреќа и животот му доби друг правец. На почетокот на 2011 година, Кубица наместо да се подготвува за новите трки мораше да се бори за својот живот. Во страотната несреќа на релито во Италија, тој загуби контрола над возилото, излета од патеката и се заби во заштитната ограда. Кубица цел час остана заробен во возилото со теки повреди на десната нога и со речиси распрачена десна рака. Лекарите успеаја да му ја спасат раката, но еден дел мораа да го ампутираат. Последиците од операцијата и денес се забележливи на неговата рака на која носи голема лузна.
Да биде несреќата уште поголема, само една година по инцидентот во Италија, Кубица настрада во бизарна несреќа – се лизна на мразот пред својот дом во Италија и ја скрши десната нога, истата која претходно му беше повредена. Тоа дополнително му го отежна опоравувањето и враќањето на патеката.
„Како човек, јасно ми беше дека ова е приказна во која веројатно, никој не веруваше. Јас и луѓето што беа покрај мене, веројатно бевме единствените што не се откажавме. Знаевме дека постои голема шанса ова никогаш да не се оствари. Како возач, единствено што можам да кажам е дека за неколку месеци ќе биде јасно се. Да не се чувствував подготвен, немаше ни да бидам овде. Знам дека е тешко да се поверува дека сум овде, дека луѓето размислуваат за она што ме ограничува. Но Вилијамс годинава виде дека можам, а јас видов уште пред 16-17 месеци кога во Валенсија возев Ф1 болид, дека ништо не ме ограничува како што мислат повеќето“ – вели Роберт Кубица.
Ограничувањата за кои зборува Полјакот се врзани за неговата десна рака бидејќи дури 70 проценти од работата во болидот ја извршува исклучително со левата рака. После несреќата тој не може целосно да го стегне воланот со десната дланка, но со време научи да се справува со тој хендикеп.
„Не возам со една рака, мислам дека тоа и не е можно во Формула 1. Но, со своето тело го надополнувам ограничувањето што го чувствувам во раката. Човечкиот мозок функционира така што на телото му помага да ги надмине тешкотиите што ги има. Сега физички сум во подобра форма отколку што бев во 2010 година кога се натпреварував“ – вели Кубица.
Само 18 месеци по несреќата, Кубица повторно седна зад воланот и ја освои првата рели трка на која што настапи. Од 2013 година почна со часови да работи на Ф1 симулатор, но сфати дека се уште има проблеми со подвижноста на раката. Не можеше да го врти зглобот и можеше да сврти налево само ако го сврти целото рамо, а тоа не беше можно во Ф1 болидот, па поради тоа тој му се посвети на релито во кое возеше три сезони.
Неговата приказна околу Формула 1 повторно стана актуелна на почетокот на 2016 година, а лани ги одработе и првите тестирања во болидот на Рено. Но, тимот за кој што возеше кога ја доживеа несреќата, сепак не се реши да го врати назад. Веднаш после тоа, Кубица почна преговори со Вилијамс и беше пред потпис за 2018, но плановите се сменија во последен момент. Наместо Полјакот, место во тимот на Вилијамс доби Сергеј Сироткин кој имаше малку подобро време на тестирањата, но и многу побогати спонзори.
Но, Русниот комплетно разочара во неговата дебитантска сезона во Ф1, а со лошите резултати се намали и приливот од руските спонзори и така повторно се отвори место за Кубица кој од трет стана втор возач на екипата за следната сезона.
„Се борев за живот. Луѓето се фокусираат на мојата рака, но јас имав фрактури по целата десна страна од телото, од стапалото се до рамото. Првите два месеци ми беа најтешки. Имав среќа што бев спортист и што возев Формула 1, поради тоа веројатно и успеаја да ми ја спасат раката. Две години ми беа потребни за да дојдам до поднослива состојба. Првата година трпев неиздржлива болка“ – сподели неодамна Роберт Кубица.
Но, Полјакот сепак, излезе како победник во оваа битка. Враќањето на патеките во Формула 1 после осум години опоравување за Кубица е најголемо достигнување во живот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА