Имаше на маса понуда од Партизан, но замина во Фенербахче

Фенербахче влезе во одлична форма во последните неколку евролигашки рунди, а тимот на Шарунас Јасикевичиус во продолжението ќе биде дополнително засилен со Крис Силва, центарот од Габон кој доаѓа од грчкиот прволигаш АЕК.

Силва стана актуелен на пазарот откако беше посочен како „прв пик“ на Партизан во потрагата за замена за Тајрик Џонс, по најавеното заминување на Американецот од белградскиот клуб. Преговорите беа во тек, но кога Фенербахче влезе во трката турскиот гигант експресно го осигура потписот на Силва, оставајќи ги „црно-белите“ со празни раце.

Габонецот денеска и официјално потпиша двогодишен договор со актуелниот европски првак, кој со потписот на новиот центар го заокружи ростерот за сезонава.

Што се однесува до Партизан, белградскиот клуб јасно стави до знаење дека нема да го пушти Тајрик да си замине додека не биде доведена соодветна замена. Голем проблем е што последниот рок за трансфери меѓу евролигашките клубови е 5 јануари, па Партизан ќе мора да побрза, во спротивно ќе остане со Џонс до крајот на сезонава, во ситуација кога Американецот веќе почна и да влегува во сериозни конфликти со најверните навивачи на белградскиот клуб.

Се вчитува...