Имобиле: Ги изморивме Турците, па победивме

Чиро Имобиле не го криеше задоволството по триумфалниот старт на Италија на ЕВРО 2020. Голгетерот на Лацио го постигна вториот погодок за „аѕурите“ на вечерашното отворање на европскиот шампионат, а веднаш по мечот истакна дека фудбалерите целосно ја исполниле тактиката што ја испланирал селекторот Роберто Манчини.

Трпеливоста беше главна одлика на „аѕурите“, кои доминираа и во првото полувреме, но не успеаја да постигнат гол, за во вториот пат да го натераат противничкиот голман трипати да ја вади топката од мрежата.

„Покажавме трпение, што е многу важно за вакви натпревари. Противникот не е нималку лесен, но имавме зацртано задача да го измориме, бидејќи знаевме дека нема да можат да го издржат нашето темпо. Тоа се исполни, успеавме да ги измориме, а потоа во второто полувреме да стигнеме до победата. Очигледно беше дека тие немаат сили, а ние знаевме како да го искористиме тоа. Пресреќен сум и поради мојот гол, да се биде стрелец на дебито на еден европски шампионат, и тоа на мојот стадион, не може да биде подобро од ова“, изјави Имобиле.

Се вчитува...