Имобиле: Не знам дали згрешив што летово останав во Лацио

Чиро Имобиле летово уште еднаш ја потврди лојалноста кон Лацио, одбивајќи богата понуда од Саудиска Арабија за да остане дел од римскиот клуб. Сепак, легендарниот голгетер на „лацијалите“ денеска отворено проговори против дел од навивачите на овој клуб, кои жестоко ја критикуваат екипата, ширејќи и навреди кон фудбалерите поради слабиот старт на сезонава.

Во една таква ситуација, Имобиле не ја отфрла можноста во иднина наместо да ја докажува лојалноста, да си замине од „Олимпико“.

„Постои мала група на луѓе, не знам дали се тоа вистински навивачи на Лацио, кои ме исвиркуваат. Тоа навистина боли, не знам дали вистински навивач на Лацио би се однесувал така кон мене. Јасно ми е, штом тргнат резултатите тоа ќе се промени, но вакви работи не смеат да се случуваат. Имав одлични понуди од Саудиска Арабија и ги одбив затоа што сакав да играм за Лацио во Лигата на Шампионите. Од сегашна перспектива, искрено почнав да се сомневам дали сум ја донел вистинската одлука. Ако некој мисли дека јас сум виновен за кризата во Лацио, навистина најдобро ќе беше ако си заминев во текот на летото. Не можам да кажам дали ќе останам член на клубот до крајот на кариерата“, изјави Чиро Имобиле.

Фантастичниот голгетер ќе полни 34 години во февруари, тој е член на Лацио уште од 2016 година и досега има одиграно 306 натпревари за клубот, постигнувајќи 198 гола и 53 асистенции.

Се вчитува...