(ИН)ДИРЕКТ: Да живее независноста!

Екипа

Денеска е убав ден…Го чествуваме Денот на независноста на нашата мила земја, Република Македонија. Нека ни биде вечна, а ние да бидеме сложни и да се радуваме на секој нареден ден од заедничкиот живот.

За нас од ЕКИПА, денеска е уште поубав ден. Денес ни е роденден. Дуваме шест свеќички.

Ги надминавме детските денови, оние првични интернет желби и ’болести’, да се радуваш на лајкови, да ги шернуваш текстовите, да гледаш секои две минути на „Гугл аналитикс“ колку луѓе те читаат во моментот…Драго ни е што после шест години напорна работа, сме препознатливи како авангарден спортски медиум, кој покажа дека може да се истрае во борбата да се следи секојдневно и да се пишува за македонскиот спорт, со сите негови добри и лоши страни, доблести и маани.

Да знае цела Македонија, но и светот, дека и ние имаме успешни спортисти, но и спортистите да знаат дека јавноста ги цени и сака да ги бодри, посебно кога го носат дресот со државниот грб. Сме се радувале заедно на успеси, сме тагувале на порази и несреќни моменти. Но, така растат децата…

И најдраго од се ни е што успеавме во својата првична цел – да станеме независен медиум. И ќе се трудиме такви да останеме – без разлика на се! За разлика од многу други…

Пишуваме, коментираме, објавуваме, по своја сопствена волја, со свое слободно новинарско убедување. Некому тоа и не му се допаѓа секогаш, го „боцка“ одзади, каде што е најнепријатно, но вистината секогаш боли, посебно за оние кои се трудат максимално да ја сокријат. А животот е еден убав спортски маратон во кој сите сакаат да бидат победници.

Да живее Македонија, и читајте ЕКИПА!

Се вчитува...