Далеку сме ние од Светско, и за учество, но и според технологијата која, за жал, го презеде вниманието на фудбалската јавност од самата игра. Гледаат за мене ВАР (Video Assistant referee), или да ви бидам скар…Видете подобро, имаше (немаше) пенал, овој заслужи црвен картон, офсајдот е во линија…или две влакна напаѓачот е пред дефанзивецот, треба да се поништи голот. Дајте бре луѓе, играјте, а ние да гледаме – фудбал!
Секогаш судиите биле ’виновни’ за некои одлуки, и никогаш фудбалот не бил идеално праведна игра, но затоа бил и магичен, го привлекувал вниманието на целиот свет. Но, ако не се лажам, во минатото сепак сите зборувавме за фудбал и гледавме фудбал, а сега заедно со судиите во контролната судиска соба, и со судијата на теренот кој чека „да му свирнат“ од собата, исчекуваме одлука како во кино – сала…Некако, се изгуби магијата. Скроз!
И веќе искрено си се прашувам…Дали е фудбалски дар…овој ВАР?!
За мене, НЕ Е. Некогаш имаше судија кој беше авторитет, па дури и кога ќе згреши, се знаеше онаа фудбалската „што судија ќе свирне, и поп ќе закопа…нема враќање“. Арно ама, сега не е така. Сите се бунат, бараат да се погледне во телевизорот повторена снимка, да се анализира секој спорен момент, а за учесниците, кои секако се субјективни, секогаш ќе има причина да бидат незадоволни. ВАР – технологијата, за жал, не успеа ниту да ја намали нервозата на теренот поради евентуални спорни судиски одлуки, напротив, ја зголеми – максимално!
Се присетив сега како добро се изнасмеав во текот на минатата сезона, кога директорката на ФК Победа јавно, на прес – конференција, побара да имало ВАР – технологија и во македонскиот фудбал. Тие греота стадион немаат, едвај два – три се со четири трибинчиња во целава лига, а нив до ВАР им дојде. Тие немаат вар за да ги обележат линиите на теренот, а бараат ВАР со контролна соба, десет плазми, 20 ТВ камери и враќање на спорните моменти. Баш сакам да знам како тоа може да изгледа на „Могила“, или на стадионот во Маџари, а?!
Искрено, кога е ВАР во прашање, се радувам што сме заостанати зад светов стотици години, кога е инфраструктурата во фудбалот во прашање. Заостанати сме и во се друго, но сега овде за фудбал си разговараме. ВАР – технологијата сериозно се заканува да му ја одземе магијата на фудбалот, да го претвори во здодевна игра каде компјутерот и неколку човечки фактори кои гледаат фудбал на ТВ, одлучуваат наместо судијата што е долу на теренот. А, и судијата, нели, треба да биде невидлив (тогаш е најдобар) за да може фудбалската игра да биде во прв план…
Сега останува само уште тренерите да земат далечинско в рака, и со помош на камерите поставени на кровот на стадионот, а пресликани на најголемиот екран на трибините, да ги поместуваат фудбалерите со копчињата од џојстикот. И отиде фудбалот јабана…Можеме да си играме сите ФИФА 2019, наместо да играме фудбал и да гледаме Светско првенство!
На крајот, се сложувам со Нордин Амрабат, момчето од Мароко, кој кажа јавно во камерите…ВАР е ср*ње!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА