Ја испративме 2016. Беше олимписка, а мене сега да ме прашате, шест месеци подоцна, верувам и поголемиот дел од вас, поим немам како се викаа дел од оние наши олимпијци, кои се прошетаа на Олимпијадата во Рио. Оние функционерите веќе добро ги знаеме, тие шетаат дваесетина и кусур години, тоа им е најбитно, да се сликаат на отворањето на Олимписките Игри. И мислат дека ја завршиле работата.
А, медалите каде се?! Четврт век ние си се тешиме со тезата на Кубертен, „важно е да се учествува“…Никна Косово, го примија, однесе џудистка и освои злато. За Србите, Хрватите, Словенците, ич муабет да не почнуваме…Е, па, добро, што сме ние овде во Македонија?! Тунгузија на Балканот, ли?!
Ќе речете, овој гарант не си поминал убаво за Нова година, па сега овде да се истресе по сите…Ама, доста е од флоскулите, „мали сме“, „толку можевме“, „другите повеќе вложуваат“, „спортистите им се подготвени“, „имаат стадиони, сали, арени“, „имаат пари, ние не можеме со нив“…
Немаме ниту стратегија во спортот, ниту сме ја смислиле, ниту знаеме како да ја спроведеме, ниту сме тргнале од појдовна точка…Ако е така, не знам зошто пак избравме ист претседател на МОК?! Секаде во светот, и функционерите зависат од резултатите! Само така може да се оди напред. Кај нас, уште оттаму е се погрешно поставено. Златна е фотелјата, а не медалот!
И тоа така е поставено во сите спортови. Сите се тепаат да седнат во фотелјата, а спортистите кој ги шмиргла! Не мора да имаме стадиони, спортски сали, атлетски игралишта…инфраструктура. Имаме еден стадион и две сали – и се измочавме со нив! Мислиш, никој нема во светов, само ние!
А и во тие неколку што ги имаме…прво, нема основни услови за тренинг и за натпревари. Марин Докузовски, тренерот што ни освои четврто место на Европско првенство, вели…каде да играме кошарка, кога салите се како фрижидери!?
Стадионите во 21.век ги градиме со пари од УЕФА, а уште не можеме да ги изброиме ниту на една рака. За стадиони правиме муабет, не за полјанчиња заокружени со ограда и едно трибинче.
Таму каде и што имаме какви – такви услови за спорт, немаме стручни кадри. Повеќе од половината тренери во фудбалот, кошарката, ракометот, да не зборувам за борењето, пливањето, атлетиката… не знаат да користат ниту интернет. Уште се со тетратките од она што го полагале на факултет. А и факултетот ни е посебна приказна. Имаме доктори по фудбал, ракомет, кошарка, тие издаваат некои си лиценци, ама никогаш ништо не направиле во своите спортски кариери. Освен…Јошко Миленковски во одбојката.
А каде и да научат, кога факултетот има една сала (за се живо и диво од спортови), нема фудбалско игралиште, и користи училници заедно со единственото спортско училиште…Супер сме ние, само нема кој да не отепа!
Дојдовме и до спортистите. Кај нас „главни фаци“ се Кире Лазаров, Перо Антиќ, Горан Пандев…Со сите сме имале безброј интервјуа, и сите истото го велат. Јас уште од мали нозе, си заминав од Македонија. Имав среќа. Можеби затоа успеав. Излегов во Европа, тренирав и учев европски, и даде Господ, стигнав и до европски резултати.
Затоа што овде во Македонија…Златната фотелја е послатка од златниот медал! За жал!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА