(ИН)ДИРЕКТ: Око ќе ти истече бе, мајсторе…

Екипа

Сцена од култниот македонски филм „Самоуништување“. Чичко Кумплунг со Шила во хотелска соба, доаѓа собна послуга и ја мерка девојката со голи гради…

„Око ќе ти истече бе, мајсторе“, искоментира таксистот и му даде бакшиш на келнерот, покажувајќи му ја вратата, да си оди.

Тетово, прво пролетно коло. Големо фудбалско дерби, Шкендија – Вардар. Битка што решава за титулата.

Спектакуларен гол од 40 метри на Филип Најдовски. Судијата зад голот остана здрвен. Не виде.

Не виде?!

„Око ќе ти истече бе, мајсторе“. Како можеше да не видиш. И веднаш секој ќе си помисли, „а да не паднал некој бакшиш“, како Чичко Кумплунг на келнерот?

Сами се уништуваме. Како и во култниот филм.

КАКОВ ЦРН „ВАР“, НЕМАМЕ НИ ЗА ПРЕДЕН ФАР
Секоја судиска грешка во македонскиот фудбал е проследена со коментарот „потребен ни е ВАР“. Каков „црн ВАР“, сите ние заедно немаме за да купиме преден фар…

Немаме стадиони, немаме ТВ преноси од Првата лига, немаме ниту една фудбалска емисија на сите телевизии заедно. Клубовите едвај имаат за да платат судии, а сакаме ВАР-систем. Неговото воведување, дури и ако сите други услови се исполнети (врвна инфраструктура на стадионите) чини околу 4 милиони евра.

Кај нас владата се фали дека ќе направи многу за спортот, ако од данокот за добивка, како даночно олеснување одвои 6 милиони евра. За целиот спорт!

МАГИЈАТА НА ЛШ

Далеку сме ние од Лигата на шампионите. Ја немаме веќе ниту на телевизија. А, таму е магијата…Уживајте со фановите на Ливерпул…

Се вчитува...