(ИН)ДИРЕКТ: Памперсите на Вардар

Екипа

Изминатава 2017 година, за македонски услови, беше екстремно успешна за најтрофејниот македонски клуб Вардар. Успеа да ја освои шампионската титула, а потоа и низ квалификациите за ЛШ направи историски чекор со пласманот во групната фаза од Лигата на Европа. Секако, на радоста на фудбалерите, раководството и на фановите на клубот, кој сите го сметаме за македонска гордост, немаше крај. Што се вели по нашки – памперси да им купиш – да не се подмочаат. Оправдано, нели…

Но, опиени од тој голем успех, потоа вардарци влегоа во голем европски вртлог кој се претвори во дебакл. Одеднаш, памперсите имаа(т) сосема друга намена. За тоа се виновни пред се (не)стручните лица од раководството на клубот.

Можеби и изненадени што го елиминираа Фенербахче, тие не вложија доволно во ростерот на тимот, продадоа важни фудбалери (Дамир Којашевиќ, Стефан Спировски, Џонатан Балотели), а донесоа непроверени сили (Итало, Вања Марковиќ) кои се покажаа некадарни да го подобрат квалитетот на составот, кој и онака суперсензационално, се најде во групната фаза од Лигата на Европа. А, колку е квалитетен навистина Вардар за Европа, се виде од шесте натпревари. Ептен се покака…

Даде три гола, од кои два кога противниците веќе си одеа кон соблекувална со победи, а прими дури 20 – израмнувајќи го „црниот рекорд“ на Слован Братислава.

Значи, раководството се „покака“ на тимот, и тоа не беше премногу видливо додека не дојдоа Зенит и Реал Сосиедад да ја „расцветаат“ мрежата на Гачевски, Грнчаров и останатите во одбраната. Да не заборавиме, дека и тренерот на шампионскиот Вардар си замина, Гоце Седлоски, а дојде наш европски стратег – Чедомир Јаневски. Промена што, од сегашен агол, и не донесе некои резултати. То ест, воопшто не донесе добри резултати.

Покрај очајните игри и резултати, и покрај историскиот бод – вчерашното реми со Розенборг (1-1), Вардар комплетно потфрли и на организациски план во Лигата на Европа. Поточно, во маркетинг пристапот, за анимирање на својата публика, која толку долго сите ја исчекуваме да дојде и да го бодри. Наместо полн стадион, Вардар доживеа фијаско на сите три меча како домаќин. Шокот беше со Зенит, а по таа „петарда“, потоа беше очекувано дека нема да има полн капацитет против Реал Сосиедад и против Розенборг. Освен „Комитите“, кои го бодрат клубот и во добро и во лошо, и лете и зиме, овие останатите, редовната публика се најде длабоко навредена.

Повторно работата ја „покака“ – раководството на клубот. Да се навратиме наназад. Прво објави цени од 3.000 денари и ја „шитна“ Јужна за пари на фановите на Фенербахче, а откако сите „вардарци“ се најдоа навредени, газда Сергеј Самсоненко ретерираше. Направи и „финта“, демек ќе се повлече од клубот, па потоа се премисли.

Ајде што Вардар се покака со цените, но потоа и врз тие што купија блок билети за трите меча во Лигата на Европа, дополнително уринираше. Им се изнамоча, би рекол јас, откако срамот за полупразен стадион се обиде да го покрие со гратиси. Тогаш сите сфатија дека вистинските вардарци всушност треба да купат билети, а овие другите можат и да си гледаат „гага“ со билети добиени по разни радио емисии на ди-џеи, телевизиски утрински програми и портали кои имаат реклама од „Бет Сити“. За возврат, истите потоа ги прошетаа до Сан Себастијан, за да им се заблагодарат. Но, и со гратисите, стадионот повторно беше повеќе празен, отколку полн.

Сега, откако завршија шесте натпревари во Лигата на Европа, редно време е да се извадат памперсите. Не дека „децата што учат да бидат директори“ во Вардар пораснаа, туку затоа што смрди – корне. Мора да се сменат пелените. Ама и да се види, конечно, кој каде погреши?! Оти има скапо платени резерви, промашени првотимци, и еден куп директори…

Вардар, ако ја крене самобендисаната глава која гледа кон Русија, треба да види дека сите клубови од соседството не само што „историски играа“, туку и напролет ќе играат во Лигата на Европа. Црвена Звезда, Партизан, Лудогорец…Па, како е овој Вардар наш толку европски тогаш, кога е послаб и од сите од регионов?!

А, дека се трошат пари и повеќе отколку во Европа, тоа дефинитивно е факт. Мислам дека новиот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, треба добро да види на кого неговиот претходник Коце Трајановски му го даде Вардар. Кој всушност го поседува ФК Вардар?! Дали е тоа, на пример, РК Вардар?! Или некој друг?! Чиј е тренинг – центарот што го отепаа од фалење?! Чија е Академијата, на каква маркица е изградена?! Еве, јас сакам да знам…!

Можеби ОЈО треба да влезе за да види како се повивани памперсите уште од почетокот на владеењето на Самсоненко… Ете, јас би сакал да провери, можеби нешто и ќе открие… Од каде доаѓале парите, кој колку земал, и дали можеби нешто – враќал?! Нели е Вардар македонска гордост… И, нели, се треба да биде транспарентно. За тоа се заложи овој новиот јавен обвинител.

Оти Вардар наш македонски, и така си има матна позадина, па оние што не го милуваат, знаат да му речат дека е всушност…Миравци. А, претходно, имаше и други вакви сопственици, кои што уште се влечат по судови, и чекаат одлука – за да им биде вратен…

Се вчитува...