‘Ил Гранде Мачедоне’ излегува на теренот и го предводи составот на Македонија. Целиот стадион е на нозе, громогласно се скандира неговото име. Фала ти за се, од срце. За сите 100 натпревари кои ги одигра во националниот дрес, за убавите потези, за головите, за максималното залагање и при поразите, за поддршката кон помладите, за примерот што им го даваш на најмладите.
За гордоста со која ја претставуваш(е) Македонија и во Лигата на шампионите, и на секој натпревар од италијанското Калчо.
Стадионот е преполн, сите се на нозе, и скандираат….Горааан Пандеев! Гораан Пандеев! Горааан Пандеев!
Во свечената ложа е и Дарко Панчев, фудбалерот на 20.век, „Златната копачка на Европа“. И сите останати македонски фудбалски легенди, Кочо Димитровски, Васил Рингов, Илија Најдоски, Вујадин Станојковиќ, Драги Канатларовски, Ѓоко Хаџиевски, Саша Ќириќ, Артим Шаќири, Бобан Бабунски…И тие ракоплескаат. Тука е и Гоце Седлоски, единствениот македонски репрезентативец со сто настапи во националниот дрес. Ја има честа да се симне долу на теренот и да го прими Горан Пандев во големото друштво.
Еуфорија фудбалска, национална посветеност, желба, страст…
Некое блиско идно време, 21.март, арена „Филип Втори“, Македонија – Летонија…
Би сакал јас, а верувам и сите вие да биде вака. Така е секаде во светот, каде фудбалот е пасија, животна определба, најголемо хоби, но и забава. Кај нас ние самите си правиме да е мачнина, темнина, гледајќи пред се за лична корист и заработка од ФФМ.
За жал, ќе биде отприлика вака…
Е, добро де, Горан Пандев одиграл 100 натпревари. И што…ништо немаат направено овие фудбалериве. А полни се со пари.
Легендите ќе си гледаат на телевизија, или во некое кафанче, односно кафуле, или во обложувалница. Ај бе Пандев…во мое време ехее, сега ова фудбал ли е? Тогаш полни беа трибините. Ни го скандираа името.
Да, сега сите вие, сите ние, треба да одиме и да скандираме Гораан Пандеев…Гораан Пандеев.
Нема да биде тоа само почит за него, туку за сите нас, за македонскиот фудбал.
Не е фудбалот во канцелариите на ФФМ, туку на стадион.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА