(ИН)ДИРЕКТ: Ревардаризација

Екипа

Чеде во Вардар. Даре во Вардар. Ај, мајката, ова на арно ќе да е…пу, пу… Ако ништо друго, веќе личи на оној вистинскиот Вардар. Или што би рекле „Комитите“ – се случува РЕВАРДАРИЗАЦИЈА.

Па, и редно време беше. Освен Тетовче и Влатче, и враќањето на Грне – овој Вардар и не беше Вардар. Сакаш погледни го тимот, а воопшто и не гледај во управата.

Само, треба уште неколку „метли“, за да фати ВАРДАРИЗАЦИЈАТА од корен. Прво и основно – да го нема Сергеј Самсоненко, а посебно тие околу него.

Да не се лажеме, не е тој Вардар. Традицијата е многу поголема, цели 70 години. Не знам ни дали е „газда“, ама на тие што им го довери ФК Вардар на раководење, кога ќе ги видам – веднаш ми се одмилува клубот. Околу парите, има тука една многу голема теорија…Ќе ви ја кажам другпат…иако верувам дека полека сите ја дознаваат.

Токму затоа, за вистинска РЕВАРДАРИЗАЦИЈА, Сергеј Самсоненко сега треба да си држи до зборовите, она „Доста е“, и да го врати клубот. Односно, РК Вардар, клубот што успеа да го купи брендот ФК Вардар за чинам 80.000 евра од Град Скопје, да го врати назад. Оти ФК Вардар отсекогаш бил најдоброто од Македонија, гордоста на Скопје, клубот од народот. Нека си го задржи и тренинг – центарот, ако треба. Ако и тој, воопшто, се води на име на ФК Вардар?!

Служителите на „газдата“ сакаа(т) да го направат ФК Вардар нивен, за приватна употреба, а да прават пропаганда дека клубот игра со срце за цела Македонија – Тоа така, не бива.

Со една таква замисла, во ФК Вардар право на збор, па дури и на потписи, добија разни Самоиловци, Мојсовци, Кириловци…Со такви директори и „шефови“, Ѓоко Хаџиевски не успеа да „вирее“ ниту три месеци по враќањето во клубот. Беше и тоа обид за Ревардаризација, ама не успеа.

Велат, за да бидеш голем (клуб), треба да бидеш и отворен, со широки погледи. Ама во ФК Вардар работат директорчиња што климаат со наведната глава, и не ја гледаат широката слика. Дека Вардар е комплетно затворен за јавноста, повеќе од четири години нема одржано ниту една прес – конференција, освен овие задолжителните од УЕФА, кога игра на меѓународна сцена. А, се сеќавам, не беше така во некое минато време, а немаше толку пари за добра организација.

Досегашниот тренер Гоце Седлоски изгледаше смешно, кога одржа прес – конференција во Струмица (пред мечот со Малме) пред само еден новинар, кажа два реченици и си стана од масата. Но, дали знаат во Вардар дека токму тие го оддалечија клубот од јавноста?! Така е и сега пред мечот против Фенербахче. Вардар сакаше да ја „продаде“ Јужна на турските фанови, па атерираше откако се побунија Комитите. Стави цена на билетите од 3.000 денари, а потоа ги намали дури десет пати.

Сега ја „раздаде“ и новинарската ложа на Северна на турските новинари, информирајќи ги македонските медиуми, како минорни во нивните очи, ќе добијат едвај само по една акредитација за натпреварот. Ете, токму затоа, вчера Гоце Седлоски, а од утре Чедомир Јаневски, ќе дојде и ќе зборува пред само еден новинар.

Игнорантски е односот и кон „Комитите“. Секој „Комита“ што држи до својата гордост, до својата навивачка душа, знае дека обидот за распродажба на Јужна е распродавање на клубот. А тоа, директорчињата од каде да го знаат, кога вчера дошле во клубот…

Затоа, без комплетна „чистка“ во ФК Вардар, и овој потег со Четка ќе биде само за „четкање“ на јавноста. Воопшто не се спорни неговите тренерски квалитети, меѓутоа ако Самоил му ги потпишува засилувањата, ќе бидат вакви – како овој Ганецот Мустафа Куајнор, кој играл во полуаматерски клубови во Австралија.

Вардар бил, и секогаш ќе биде македонскиот спортски миленик. Но, треба да ја врати и големината во односот кон оние од каде и ја црпи силата…Навивачите, симпатизерите, јавноста… Во спротивно, ќе го гледаат само по стотина гледачи и понатаму…

Се вчитува...