Вардар се спаси од суспензијата на УЕФА и тоа навистина е најважно. Македонскиот фудбалски бренд не заслужува таков срам, да биде жигосан поради долгови и да не игра во европските купови. Во општата еуфорија некако најсмешни беа „ѕвездите“ кои го величеа големото постигнување – дека собрале пари. Го величеа „големиот газда“ истакнувајќи како Вардар е голем клуб.
Да, Вардар е голем клуб, ама не заради вас. Големите клубови немаат долгови, и не доаѓаат на работ на суспензија.
МЕДОТ ВО ФФМ
Доаѓа март. Ќе има „пролетна офанзива“ за ФФМ. Засега сите се во ровови и го планираат десантот.
Фотелјата е многу слатка. Мед и млеко тече од сметката, и сите сакаат да брцнат рака.
Кампањата не е официјално почната, но одамна се дружат со политичари, судии, влијателни личности…
Проблемот е кој ќе обезбеди база, за да го трча претседателскиот круг. Медот е сладок, повеќе од 10 милиони евра годишно.
БРЕСТОВАЦ И РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИТЕ
Не ми е ракометот омилена тема, но не можев да одолеам на една несреќна изјава на Данило Брестовац, тренерот на Металург. По убедливиот пораз од ППД Загреб излезе на прес – конференција и се обиде да си пронајде алиби со чуден став – неговите репрезентативци како се уште да биле на одмор.
Раул Гонзалес и РФМ си кажаа „адиос“, па сега на конкурс ќе си бараме нов селектор. И речиси сум сигурен дека апликација ќе има и од Данило Брестовац. Веднаш се наметнува и прашањето….Ако биде селектор, и тогаш ли репрезентативците ќе му играат „како да се на одмор“?!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА