Тажна вест доаѓа од македонската фудбалска сцена, откако Фудбалската Федерација на Македонија потврди дека денеска згасна животот на легендарниот судија Васил Кировски – Џери.
Кировски Васил – Џери своите први фудбалски чекори ги направи како играч на ФК МИГ, денешен ФК Скопје, каде настапуваше до својата 21 година. Неговата љубов кон фудбалот и чувството за играта го насочија кон нов предизвик – судиската професија.
Заедно со својот соиграч и подоцнежен колега, фудбалерот и сојузен судија Ристо Бундалевски, се пријавува за судија во генерацијата регрутирана од Ѓоко Симоновски – Кинез и Атанас Петровски – Тоска, кои во тоа време важeа за едни од најдобрите теоретичари и познавачи на фудбалските правила во Македонија.
Неговата судиска кариера бележи брз и сигурен подем. Поминувајќи ги сите натпреварувачки рангови – од подсојузните лиги, преку меѓурегионалните натпреварувања, до Втората и Првата Сојузна Југословенска лига, каде Џери се вброи меѓу најпочитуваните судии на својата генерација.
Особено се памети дерби натпреварот што го судеше во Сплит во 1989 година, помеѓу екипите на големата Југословенска фудбалска четворка – Хајдук и Црвена Ѕвезда (2:1), натпревар кој остана запаметен и по големите нереди што се случија по неговото завршување.
По осамостојувањето на Македонија, продолжи активно да суди и стана еден од водечките судии во Првата македонска фудбалска лига. И по завршувањето на својата богата судиска кариера, остана посветен на фудбалот, како судиски контролор, регрутер и ментор на новите генерации, пренесувајќи им го своето искуство и љубовта кон судењето.
Ќе остане запаметен како човек на теренот, но уште повеќе како човек кој живееше за фудбалот и судењето. Страст што продолжува да живее и преку неговите синови, Марјан Кировски, поранешен долгогодишен ФИФА асистент судија и сегашен Републички судиски инструктор и Христијан Кировски, поранешен македонски репрезентативец, а сегашен тренер.
Со својата стручност и посветеност, Кировски Васил – Џери остави траен белег во македонскиот фудбал и во судиската организација. Фудбалската федерација на Македонија изразува искрено сочувство до семејството Кировски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

