На 86 годишна возраст денеска почина Јово Никушев, едно од најпознатите и најуспешните фудбалски имиња во историјата на Македонија.
Јово Никушев е роден на 17.1.1931 во Скопје. Многумина од фудбалските работници сметаат дека Јово Никушев се вбројува меѓу најголемите и најуспешните фудбалски имиња во историјата на Македонија. Уште како дете ја засакува фудбалската топка и како пионер започнува да игра во СК Македонија, клубот кој по фузијата со ФК Победа Скопје прерасна во најголемиот клуб во Македонија во тоа време.
По неколку години преминува во ФК Пролетер каде со своите другари постигнуваат забележителни резултати. Настапите на Јово ги забележуваат скопските тренери, па така добива покана да премине во тогаш најпопуларниот скопски клуб Металец.
Во Металец настапува заедно со Миле Миланов, Јовица Јовановски, Коки Милошевски, Џинка Цинциевски, Диме Арсовски, Ѓуро Ефтимов, Томислав Димовски – Бучки, Петко Стојковски, Круме Андреевски и други познати фудбалски имиња во Македонија.
Со Металец настапува во Втората сојузна лига на поранешна Југославија. Металец до ден денес е во срцата особено на најстарите скопјани, бидејЌи игрите на Металец ја освојуваа публиката, а нивните настапи рекордно беа посетувани.
Јово уште како фудбалер со 26 години е назначен и за тренер на екипата, а имал и голем број настапи истовремено и како тренер и како играч. На тој начин, Јово ја започнува тренерската кариера. Ако како играч бил одличен, како тренер станува едно од најголемите тренерски имиња во поранешна Југославија и репрезентацијата на Македонија. Тренер е на ФК Работнички во тогашната силна Втора сојузна лига на поранешна Југославија. Можеби тоа беше и најсилниот тим во историјата на ФК Работнички.
Јово е човек со тивок нарав, педагог, врвен стручњак, семеен човек. Најчесто работеше во сиромашни клубови, а потоа селектирајЌи играчи и од најниските фудбалски лиги без финансии правеше големи тимови. Извади многу клубови од бездна и направи од нив Шампиони во соодветната лига. Клубовите Работнички, Љуботен, Слога, Југококта, Славија ги направија најдобрите резулати со Јово. Беше тренер на многу големи фудбалски имиња како Томче Филиповски, Ѓоко Стојановски, Данчо Торбаков, Слободан Несторовски, Панде Наков, Јастрад Јаневски, Живко Поповски – Чик, Благоја Стојановски Карпа, Богоевски – Туљко, Чочков, Цеко Видински и др.
Освен клупски тренер, Јово е долгогодишен селектор на аматерската репрезентација на Македонија за време на поранешна Југославија. По осамостојувањето на Македонија од првото раководство е поставен за прв селектор на младата репрезентација на Македонија. Јово како селектор го постигнува резултатот што до денес не е надминат. Најпрво ги победува младите репрезентации на Бугарија и Естонија со 7-0, а една од најсилните млади селекции на Европа, репрезентацијата на Данска со 5-2. И можеби што е најважно, како селектор прави нешто кое не се гледа често и денес – од единаесет стандардни фудбалери во младинската репрезентација, десет заиграа стандардно во сениорската селекција на Македонија. Тоа е селектор. Тоа е Јово Никушев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА