ИН МЕМОРИАМ: Почина легендата на македонското скијање, Иван Лесевски

Денеска во Скопје на 69-годишна возраст почина едно од најистакнатите имиња на македонското скијање и спорт воопшто, Иван Лесевски.

Лесевски е роден во 1954 година во Скопје, а ќе остане запаметен како една од централните фигури на македонското скијање, тренер во скијачките клубови „Црниче“ и СК Работнички, како и селектор на репрезентација на Македонија.

Од најмлади години е најдобриот македонски скијач со освоени шампионски титули на Македонија во алпско скијање во пионерска и во младинска конкуренција. Во кариерата беше победник и на Пелистерскиот велеслалом меѓу сениорите, младински првак на поранешна Југославија во скијање на вода, слалом, повеќекратен младински и сениорски првак на Македонија во скијање на вода, слалом и скокови.

Во тренерската кариера беше најистакнатиот тренер и селектор на македонската алпска репрезентација, учесник на шест Зимски олимписки игри, како и член на раководните структури на Скијачка федерација на Македонија и Сојуз на спортови на Скопје.

За својата работа, делување и успешност, добитник е на многубројни награди: Тренер на годината на град Скопје 2014 година, после остварените успеси на Зимски олимписки игри 2014 во Сочи, двапати добитник на наградата „13 Ноември“ за најдобар тренер, а во 2019 година се стекнува со Награда за животно дело.

Последниот поздрав со Иван Лесевски е утре (9. септември) во капелата во Ѓорче Петров од 13 часот, а погребот ќе се изврши на гробиштата во Ѓорче Петров во 14 часот.

Се вчитува...