На 69 – годишна возраст, вечерва почина Мичо Поповски, поранешен национален шампион во кајак на диви води во слалом и спуст, тренер, иницијатор и еден од основачите на Македонскиот Олимписки Комитет, објави „Сител“. Поповски беше роден на 05. мај 1947 година во с.Горничево, Леринска околија. Дипломиран инженер – металург. Кариерата ја започнува во Рудници и Железарница, а ја заврши како раководител на сектор урбанизам во Град Скопје.
Активно беше вклучен во спортот во најголем дел од својот живот, а како селектор на македонската репрезентација четири пати беше учесник на Олимписки Игри, во Барселона, Атланта, Сиднеј и во Атина.
Мичо Поповски беше претседател на Сојузот на спортови на Град Скопје, на Сојузот на спортски федерации на Македонија, прв Претседател на Кајакарската федерација на Македонија по осамостојувањето. Тој е добитник на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, а повеќепати и одликуван со награди и признанија од Светската Кајакарска федерација и Меѓународниот Олимписки Комитет.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 27 април, на гробиштата во Бутел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА