По кратко боледување денеска во Скопје на 80-годишна возраст почина едно од најславните спортски имиња во историјата на Македонија, Насе Насев.
Насев, роден во Кочани во 1943 година, засекогаш ќе остане запаметен како еден од основоположниците на македонското борење, поранешен борач и тренер на БК „Спартак“ од Кочани, но и долгогодишен селектор на репрезентацијата на поранешна Југославија во најславните нејзини времиња, како и селектор на македонската репрезентација по независноста на земјата.
Беше долгогодишен инструктор на ФИЛА и Директор на голем број светски семинари, едно од најистакнатите имиња и на Светската боречка федерација, учесник на десет Летни олимписки игри, како селектор и како спортски директор на Македонскиот олимписки комитет. Творец е на легендарните имиња на македонското борење кои ја прославија Македонија, како Шабан Трстена, Шабан Сејдиу, и многу други.
Како спортски директор на МОК и под негово раководство, освоен е и првиот олимписки медал од осамостојувањето на Македонија (бронзениот медал на борачот Могамед Ибрагимов, на ЛОИ 2000 во Сиднеј).
За својата работа и ангажман во борењето се здоби со Трофеј и Златен беџ на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК). Во 1997 година доби место меѓу великаните на Македонскиот олимписки комитет (МОК), што претставува посебна чест за секој спортист и спортски работник во нашава земја.
На 23. јуни оваа година го доби и највисокото признание од државата од страна на претседателот Стево Пендаровски кој го одликуваше со Медал за заслуги за Македонија за траен белег на спортските терени и огромниот придонес за афирмација на македонскиот спорт и држава.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА