ИН МЕМОРИАМ: Почина Ванчо Ширилов, една од најголемите легенди на ФК Скопје

Денеска во Скопје, по кратко боледување, почина едно од најславните фудбалски имиња во историјата на ФК Скопје, Ванчо Ширилов. Македонскиот фудбал загуби уште една значајно име кое силно го задолжило со своето долгогодишно дејствување, еден од најзапазените фудбалски работници во независна Македонија, долгодишен функционер во структурите на Фудбалската федерација на Македонија.

Ширилов е роден на 30. јули 1943 во Гермијан, Битола, за да целокупната своја играчка фудбалска слава ја стекне во ФК Скопје каде играше во периодот од 1965 до 1971 година, откако претходно беше дел и од ФК Индустријалец.

Потоа остана запишан како едно од најголемите тренерски имиња во историјата на тимот од Автокоманда, на чие чело беше од 1971 до 1987 година, на тој начин запишувајќи се како неизбришива легенда на ФК Скопје.

До 2009 година ја извршуваше и функцијата генерален секретар на Спортското друштво Скопје, а во периодот од 2000 до 2012 година и член на УО на ОФС Гази Баба.

Ширилов во периодот од 1990 до 1998 година беше и делегат во Собранието на Фудбалската федерација на Македонија, а од 2001 година до 2022 година и делегат во Собранието на ОФС Гази Баба.

Посмртните останки на Ванчо Ширилов ќе бидат изложени утре (20. јули) во капелата Бутел во Скопје од 12:30 часот, а погребот на Градските гробишта во Бутел ќе биде извршен од 13:30 часот.

Се вчитува...