Ромелу Лукаку денеска би требало да се приклучи на подготовките на Челси, но само прашање на време е кога белгискиот ас и дефинитивно ќе биде продаден и ќе си замине од „Стемфорд бриџ“. Лондонскиот клуб прави се за да го забрза процесот на продажба, но Лукаку им создава големи главоболки на директорите на Челси, кои веќе останаа покуси за десет милиони евра поради овој фудбалер.
Имено, Челси бараше 40 милиони евра за Лукаку, сума за која постигнаа договор со Интер, но трансферот пропадна откако самиот голгетер реши да преговара со Јувентус, клуб што му нуди повисоки примања. Во „пет до дванаесет“ во преговорите се вклучи и Ал Хилал, клубот од Саудиска Арабија кој понуди дури 50 милиони евра за веднаш да го комплетира трансферот на белгискиот џин. Челси разбирливо веднаш ја прифати понудата, но трансферот пропадна бидејќи Лукаку воопшто не сакаше да преговара за личните услови, инсистирајќи на продолжување на кариерата во Европа.
Тој се уште чека на Јувентус, а најавите од таборот на „старата дама“ велат дека италијанскиот гигант најпрвин ќе го продаде Влаховиќ во ПСЖ, а потоа дел од парите ќе ги инвестира во трансферот на Лукаку.
А ако се знае дека ПСЖ најпрвин чека да расчисти со Мбапе, јасно е дека оваа трансфер-вртелешка ќе почека уште извесно време за реализација…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

