Инфантино и Чеферин го честитаа изборот на Сејдини за нов претседател на ФФМ

Меѓу бројните честитки од европското и светското фудбалско семејство упатени за Муамед Сејдини по повод изборот за претседател на Фудбалската федерација на Македонија, како што информираат од ФФМ, се и официјалните дописи од претседателот на ФИФА, Џани Инфантино и претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.

„Драг претседателе, би сакал искрено да ви честитам и да изразам најдобри желби по повод вашиот избор за претседател на Фудбалската федерација на Македонија за периодот од 2019 – 2021 година. Уверени сме дека вашето знаење, лидерство и искуство претходно и како в.д. претседател на ФФМ, потпретседател и член на Управниот одбор на федерацијата, секако ќе има позитивно влијание за понатамошниот развој на фудбалската игра во вашата држава. Вие секогаш може да сметате на моја лична поддршка и секако поддршка од ФИФА сѐ со цел да го остварите зацртаното. Вратите на нашата организација секогаш ќе ви бидат отворени за разговори кои можат да придонесат за развој на нашата игра. Имам чест да ве поканам во Цирих и се радувам за нашата следна средба. На Вас и на целиот тим ви посакувам многу среќа, сила и успех во следните предизвици“ – се вели во дописот од Џани Инфантино, претседателот на ФИФА.

И претседателот на УЕФА, Александар Чеферин во својата честитка вели дека нема сомнеж за изборот на Сејдини на чело на македонската фудбалска федерација…

„Среќен сум што ви упатувам честитка по повод изборот за претседател на Фудалската федерација на Македонија. Истовремено, би сакал да ви се заблагодарам за вашето лидерство во изминатите месеци како в.д. претседател на ФФМ, навистина некогаш не е едноставно и лесно да се биде во таква ситуација, но значењето е непроценливо. ФФМ се приклучи кон семејството на УЕФА во 1994 година, а имаме чувство како да беше вчера– но, факт е дека поминаа 25 години!. Од тогаш беа направени многу работи, вклучувајќи реновирања на стадиони, развој на инфраструктурата, изградба на комплексот „Куќа на фудбалот“ и тренинг центарот, што секако ја ставa организацијата како центар на фудбалскиот развој на сите нивоа. Ви посакувам се најдобро во иднина и не се сомневам дека ФФМ е во сигурни и добри раце. УЕФА секогаш ќе ви биде поддршка“ –  вели Александар Чеферин.

Се вчитува...