Првиот клупски мундијал со 24 екипи ќе се одржи во 2021 година во Кина, потврди утрово претседателот на ФИФА, Џани Инфантино. „Тоа ќе биде празник на фудбалот, прво и вистинско клупско светско првенство“ – додаде првиот човек на светскиот фудбал.
На оваа тема се дискутираше во последните неколку години, за на крајот светската куќа на фудбалот да донесе конечна одлука. Во 2019 и 2020 година ќе биде задржан актуелниот формат на натпреварување со турнир во Катар, за од 2021 бројот на учесници да биде зголемен. Она што е сигурно е дека Европа ќе ја претставуваат екипите што ја освоиле Лигата на шампионите и Лигата на Европа во претходните четири сезони, но не се исклучува можноста ФИФА да додели и вајлд-карта на некоја од екипите што не ги задоволува овие критериуми (до сезонава во овој круг не влегуваат Барселона, Јувентус, Баерн Минхен, ПСЖ, Манчестер Сити…).
„Најдобрите клубови во светот ќе се борат за големиот трофеј. Ова ќе биде вистински спектакл, а со фактот дека ќе се одржи во Кина придонесуваме за дополнителен развој на фудбалот во Азија“ – прокоментира Џани Инфантино.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА