Македонскиот првак Вардар утревечер (19 часот) во Трондхајм ќе го игра вториот натпревар од групната фаза во Лигата на Европа, а домаќин е Розенборг. Тренерот на овој тим, Каре Ингебригтсен, со пофални зборови се изрази за македонскиот тим, но и вели дека сепак Розенборг ќе има полесна задача од гостувањето кај Реал Сосиедад.
„Вардар е силен тим, ги елиминира Фенербахче и Малме, и тоа доволно говори за квалитетите на македонскиот клуб. Но, верувам и дека нема да ни биде тешко како против Реал Сосиедад. Очекувам да одиграме добар натпревар и на крајот да се радуваме“, изјави тренерот на Розенборг.
Капитенот на Розенборг, играчот за врска Мајк Јенсен, смета дека многу работи на утрешниот меч ќе зависат токму од играта на норвешкиот тим.
„Не сакаме да се потсетуваме на гостувањето против Реал Сосиедад. Сега објективно ќе играме дома, ќе ја имаме поддршката од фановите, и сигурно дека многу работи ќе зависат токму од нас. Вардар е противник што го респектираме, но и сакаме да го победиме. Сигурно дека ќе нападнеме од самиот старт“, изјави Јенсен.
Утрешниот меч е еден вид рехабилитациски и за двата тима. Розенборг загуби на гостувањето против Реал Сосиедад со 4-0, а Вардар на домашен терен беше поразен од рускиот Зенит со 0-5.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА