Иниеста најави заминување од Барселона: Си одам ако не можам да дадам 200% за тимот

Легендата на Барселона и еден од најдобрите играчи за врска на денешницата Аднрес Иниеста, најави заминување од клубот ако не исполнува еден личен услов. Искусниот плејмејкер се уште размислува за неговата иднина во фудбалот, а за едно шпанско радио изјави дека ќе остане во Барса само ако може да го даде својот максимум за тимот.

„Се уште немам одлучено дали ќе останам во Барселона. Ако останам, значи дека и натаму можам да дадам 200% за тимот, но ако заминам, тоа значи дека не можам да понудам онолку колку што овој клуб заслужува. Поради тие сомнежи немам донесено одлука. Во следните две години ќе ми биде многу потешко да се изборам за место во првиот тим, клубот доведе врвни фудбалери, а јас верувам дека Кутињо може да ме замени, ги поседува сите квалитети“, изјави Иниеста.

Шпанецот исто така потенцираше дека никогаш нема да игра против каталонскиот гигант ако се одлучи да го напушти ова лето.

„Ако заминам, ќе одам во клуб со кој не ќе можам да се пресретнам со Барса, ветувам дека нема никогаш да играм против нив“, додаде 33-годишниот играч за врска.

Во меѓувреме Иниеста доби вртоглава понуда од Кина од засега непознат кинески клуб, има рок до 30 април да одлучи дали ќе прифати двегодишна соработка според која би заработил 70 милиони евра.

 

Се вчитува...