Инцијативниот Одбор составен од претставници на клубови, поранешни фудбалери и судии, денеска на прес-конференција јавно побара Законот за Спорт да биде практикуван и во работата на ФФМ, барајќи клубовите да добијат посериозен третман во работата на Собранието на Фудбалската Федерација на Македонија.
Иницијативата ја поддржаа следните клубови: Победа, Брегалница, Работнички, Беласица, Пелистер, Академија Пандев, Детонит, Кожув, Плачковица, Саса, ФК Скопје, Борец Велес и Партизан Обршани, а на прес-конференцијата говореа: поранешниот Генерален секретар на ФФМ, Игор Климпер, поранешниот Комесар за натпреварување во ФФМ, Миле Спирковски, кој сега е претставник на ФК Победа, како и поранешниот капитен на Вардар, Бобан Грнчаров и поранешниот судија Љубомир Крстевски.
„Согласно ситуацијата и загриженоста на одредени клубови кои немаат можност да ги остварат своите права во Собранието на ФФМ, бараме од државните институции овој инцијативен одбор да го спроведат Законот за Спорт. Тоа значи клубовите да добијат можност да партиципираат во собранието на федерацијата по принцип 50% +1, што значи и полноправно да одлучуваат. Исто така, Иницијативниот одбор бара и најголем дел од поранешните истакнати фудбалери и фудбалски работници да бидат приклучени во работата на федерацијата“ – изјави Игор Климпер.
Од поранешните фудбалери и репрезентативци претставник беше Бобан Грнчаров.
„Јас јавно кажувам дека немам намера да се кандидирам за нов претседател на ФФМ, но апсолутно стојам зад идејата дека поранешните истакнати фудбалери треба да добијат свои позиции и да раководат со дел од телата во федерацијата“ – истакна Грнчаров.
Претставник на горенаведените фудбалски клубови кои се дел од иницијативата беше Миле Спиркоски од ФК Победа.
„Клубовите во изминатите години беа маргинализирани и не го добиваа своето право да имаат претставници во Собранието на ФФМ. Ние бараме од државните институции да овозможат спроведување на Законот за Спорт во случајот на ФФМ. Ова е иницијатива на незадоволни клубови бидејќи има клубови кои повеќе од десет години не биле членови на Собрание на федерацијата“ – посочи Спиркоски.
На прес-конференцијата беше присутен и поранешниот судија Љубомир Крстевски.
„Спортските работници сакаат во фудбалот да влезат спортски луѓе. Институциите треба да ги преземат сите обврски за правото да функционира во ФФМ. ОФС Битола години наназад води судски битки за докажување и остварување на своите права“ – истакна Крстевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА