Еден од најславните домашни фудбалски клубови, ФК Тетекс сезонава со судни напори се избори за опстанок во второлигашката конкуренција. Но, „штофарите“ веќе неколку години имаат и судни маки за гола егзистенција поради што веќе е доведен во прашање и опстанокот на клубот.
Токму поради тоа активиран е Иницијативен одбор за спас на ФК Тетекс, во кој се вклучени голем број спортски работници од Тетово, а кои бараат конечно стабилен спонзор да го купи клубот согласно новиот закон за спорт, со што повторно би се вратил на стабилни патеки со желба и за враќање во прволигашката конкуренција.
„Ние како подржувачи на нашата гордост ФК Тетекс, до сите фирми, компании, преставништва и искрени подржувачи и љубители на нашиот и вашиот сакан клуб Тетекс, апелираме дека е потребно да се пронајде стабилен спонзор кој ќе го спаси Тетекс од бездната во која е западнат подолго време. Од фудбалскиот клуб Тетекс на прес-конференцијата изјавија дека клубот може да се спаси ако некој спонзор изрази желба да го купи Тетекс според новиот закон во спорт кој овозможува даночни олеснувања“ – се вели во јавниот апел од Иницијативниот одбор за спас на ФК Тетекс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА