Иницијативниот одбор за промени во АФМ кое го сочинува мнозинството на активни клубови, повторно обвинува за самоволие на актуелниот претседател Крсте Серафимовски и Управниот одбор при Атлетската федерација на Македонија.
Како што информираат до нашата редакција од Иницијативниот одбор, на нивното поднесено барање за известување дали АФМ планира да го одржи планираното годишно собрание според член 36, став 2 (обврзани со закон да го одржат), кое требаше да се одржи во месец септември или октомври, одговор се уште нема.
„Ние ќе поднесеме барање според член 36 став 3 од статутот на АФМ за свикување на Вонредно собрание. Известена е и АМС која се уште не реагира на ваквите постапки на АФМ. А, во меѓувреме неажурноста и туризмот продолжува. На младинската Олимпијада во Аргентина атлетичарот во дисциплината на 400 метри, атлетичар на АК Студенти, не настапи поради пукнат мускул за време на еден од тренинзите. Непрофесионализмот во Атлетската федерација дозволува своите атлетичари да бидат пратени на меѓународни натпреварувања без да покаже барем малку интерес за нивното здравје. На атлетичарот ниту му се направени детални медицински прегледи, ниту му се направени специфични тестови на државниот институт, ниту пак се консултирани медицински лица околу натамошното одржување на форма, за дисциплина која генерално повеќе се потпира на медицинска контрола отколку на стоперка. Прашуваме до кога со ова аматерско работење во спорт кој не трпи аматеризам. Дознаваме дека се префрлени средства во износ од 1.500 евра од страна на МОК, за финансиска поткрепа на атлетичарот. Бараме одговорност од АФМ, за негрижа кон атлетичарите, за непрофесионалниот однос кон спортот. Се надеваме дека директорот на АМС, господинот Дарко Каевски ќе реагира на ова уназадување на македонската атлетика“ – се вели во реакцијата до нашата редакција од Иницијативниот одбор за промени во АФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА