Предолго време иницијаторите за промени во Македонскиот Олимписки Комитет бараа смена на раководството, за денеска конечно да го објават и сопствениот кандидат за претседател, што би бил номиниран на денешното Вонредно Собрание на МОК.
Како што е објавено во соопштението на Иницијаторите за промени, кандидат за прв човек на МОК ќе биде поранешниот пливач Александар Маленко.
Како што е наведено во дописот испратен до медиумите, писмата за поддршка се доставуваат до професорот Владимир Пејковски, чија мејл адреса гласи: amalenko79@gmail.com.
Почитувани претседатели на Национални спортски федерации,
Почитувани индивидуални членови на собранието на Олимпискиот Комитет на Северна Македонија,
Дојде денот кога спортот ќе го вратиме на спортистите и олимпизмот на олимпијците.
Доста беше политички игри и притисоци. Да подржиме вистински олимписки вредности и принципи почитувајки ги нашите закони и институции. Не ни требат слаткоречиви квази политичари ниту татини бизнисменчиња пишманаџии што незнат што сакат. Ни треба обединување на олимписка основа, на заедничка програма и визија за олимписки височини. Ни треба вистински олимписки лидер што бил на две Олимпијади, светски шампион за кога прв пат во историјата се свирела македонската химна и веело македонското знаме. Денес е денот кога почнува новата македонска олимписка историја. Да го подржиме вистинскиот и единствен Александар Маленко.
Писмата за подршка и полномошната доставете ги на професорот Владимир Пејковски на меил (amalenko79@gmail.com)“, се вели во дописот што е испратен и до МОК, спортските федерации во државата како и до медиумите.
Изборот на кандидат е во најмала рака чуден ако се знае дека пред само неколку дена беше објавено дека Маленко е доживотно исфрлен од пливањето откако Агенцијата за интегритет во овој спорт го смести охриѓанец на листата казнети лица, со тоа потврдувајќи ја санкцијата што претходно беше изречена од Дисциплинската комисија на Пливачката федерација на Македонија.
За потсетување, Иницијаторите за промени во МОК денеска ќе одржат Вонредно Собрание, додека актуелното раководство предводено од претседателот Даниел Димевски за четврток веќе закажа Редовно Изборно Собрание.
Клучен во вакви ситуации и поделби е ставот на ИОК, од каде веќе објавија дека за легитимно ќе го сметаат собранието организирано од актуелното раководство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

