Од Иницијативниот одбор за промени во Атлетската федерација на Македонија се изненадени, како што велат, од игнорантскиот однос на Агенцијата за млади и спорт кон нивното барање, испратено уште од 12. март, за добивање список на атлетски клубови кои имаат решение дејност – спорт.
Заинтересирани, како што нагласуваат, за легитимно Изборно Собрание на АФМ очекуваат од Агенцијата за млади и спорт, согласно Законот, точен список на клубови како потоа не би се манипулирало од страна на актуелниот претседател на АФМ, Крсте Серафимовски со бројката на клубови за свикување на Собрание и потоа со правото на глас на пооделните членки на истото. Затоа што, тврдат Иницијаторите, тие се убедливото мнозинство во македонската атлетика желно за подобрување на состојбите во овој спорт а кое некој упорно го игнорира!
„До кога ќе не игнорира директорот на АМС, господинот Дарко Каевски? Ние сме мнозинство во Атлетската федерација на Македонија, мнозинство кое не може да се игнорира. Мнозинство кое ги носи резултатите во атлетиката. Навистина не ни е јасно кој го штити овој менаџмент на АФМ, кој проневерува средства дадени од Агенцијата, кој не ги почитува Законите за спорт и здруженија…? Испративме легитимно барање до Агенцијата за млади и спорт за доставување список на сите атлетски клубови со право на глас, согласно Статутот на АФМ, и список на клубови кои имаат решение дејност спорт, издаден од надлежниот државен орган како би се свикало Вонредно Собрание на федерацијата. Ние како Иницијативен одбор не сме добиле никаков одговор во законски предвидениот рок, па ова го оценуваме како мешање на Агенцијата во автономијата на федерациите. Јавно прашуваме, зошто Агенцијата не ни го доставува документот, зошто не ни одговори во законскиот предвидениот рок? Дали Законот за спорт важи за сите подеднакво?“ – се вели во дописот до нашата редакција од Иницијативниот одбор за промени во АФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА