Првата ѕвезда на италијански Наполи и соиграч на нашиот репрезентативец Ељиф Елмас, Лоренцо Инсиње според најавите од „Чизмата“ од петок до крајот на викендот ќе потпише договор со Торонто, но би требало да ја доигра сезоната за наполитанците и на лето како слободен играч да си замине во МЛС-лигата.
Според информациите, официјални лица на Торонто во петок ќе дојдат во Неапол на завршни преговори со менаџерот на Инсиње, а на маса офанзивецот и италијански репрезентативец има понуда од 11,5 милиони евра годишно, плус 3,5 милиони евра во различни бонуси, што севкупно е трипати повеќе од годишната плата што Наполи му ја нудеше за нова соработка, од пет милиони евра годишно.
Засега, проблем за официјализација е дали Торонто прифаќа Инсиње да дојде во јуни, а не зимава, зашто Италијанецот уште од почеток на преговорите потенцирал дека сака да го испочитува договорот со Наполи, како роден Наполитанец до крајот. Челниците на Торонто, пак, се свесни дека ако сакаат веќе зимава да го земат ќе мора да платат и отштета, а Аурелио Де Лаурентис нема да им го даде под багателна цена.
За очекување е дека од петок за кога е закажана првата средба до крајот на викендов би имало неколку средби на Инсиње и неговиот менаџер Виченцо Пизакане и можно е да се постигне договор, најавуваат дел од наполитанските медиуми.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА