Интер без двајца важни играчи по репрезентативната пауза

Симоне Инзаги се соочува со нови проблеми за време на оваа репрезентативна пауза, откако тренерот на Интер дозна дека двајца важни првотимци нема да можат да му бидат на располагање на премиерниот дуел по паузата.

„Нероаѕурите“ следниот викенд се среќаваат со Удинезе, меч за кој Инзаги нема да може да смета на помошта на капитенот Лаутаро Мартинез и на стартниот десен бек Дензел Дамфрис. Лаутаро се повреди на тренинг на аргентинската репрезентација, не настапи за „гаучосите“ во овој прозорец, а деталните прегледи покажале истегнување на мускулот. Повредата не е премногу сериозна, но Аргентинецот сигурно ќе паузира против Удинезе, додека лекарскиот тим се обидува да го оспособи за полуфиналниот дуел од Купот на Италија против Милан.

Повредата на Дамфрис е нешто посериозна, холандскиот дефанзивец сигурно ќе ги пропушти дуелите со Удинезе и со Парма во Серија А, куп-мечот со Милан, а „нероаѕурите“ се надеваат дека тој би можел да се врати за првиот четвртфинален меч од Лигата на Шампионите против Баерн Минхен, закажан за 8 април.

Се вчитува...