Навивачите на Интер имаат право да бидат еуфорични поради стилот на кој нивните миленици не само што победуваат, туку и ги газат своите противници во Калчо-лигата.
Аталанта беше во одлична форма пред синоќешното гостување на „Џузепе Меаца“, каде Интер целосно ја демонстрираше својата надмоќ и славеше со убедливи 4-0. Ова беше четврти меч во низа на кој избраниците на Симоне Инзаги постигнаа по најмалку четири погодоци, што е прв ваков случај уште од далечината 1930 година.
„Аталанта ни создаде проблеми со високиот пресинг на почетокот, но штом го решивме тоа заигравме како што знаеме, во второто полувреме бевме неверојатни. Нема зошто да се негира, пресреќен сум, тимот игра одлично и тоа е случај веќе две и пол години. Освоивме пет трофеи, игравме во финалето на ЛШ и сега имаме убава предност на врвот. Сепак, свесни сме дека во јанаури табелата беше израмнета и дека ако се опуштиме можеме исто така брзо и да ја загубиме предноста што ја создадовме. Она што најмногу ми се допаѓа, ги ротираме играчите, но принципите остануваат, тимот игра идентично, тоа е најголемата сатисфакција за еден тренер. Пресреќен сум што ги имам на располагање овие прекрасни момци кои секогаш даваат се од себе на теренот, без разлика дали играат 10 или 90 минути“, изјави Инзаги.
Интер по синоќешната победа има дури 12 бода предност во однос на второпласираниот Јувентус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА