Интер слабо ја стартуваше новата сезона, што е причина за незадоволство меѓу навивачите, но и кај кинеските газди на клубот. Симоне Инзаги ги троши последните кредити на клупата на „нероаѕурите“, а доколку се случи нов „кикс“, повеќе од извесно е дека актуелниот тренер ќе добие отказ. Според весникот „Тутоспорт“, Интер веќе го има избрано и наследникот на Инзаги – поранешниот тренер на Црвена Звезда, Дејан Станковиќ.
Србинот беше дел од легендарната генерација што предводена од Жозе Мурињо ја освои тројната круна. Тој тренерската кариера ја почна токму работејќи во младинските категории на Интер, а по „калењето на занаетот“ во Црвена Звезда сега е подготвен за сериозен предизвик во еден од најголемите италијански клубови.
Директорот Марота вчера јавно му даде поддршка на Инзаги, но веќе е јасно дека италијанскиот стручњак нема многу време за да си ја спаси работата. Според „Тутоспорт“, Инзаги мора да освои максимални бодови против Торино и Удинезе во Серија А, како и против Плзењ во Лигата на Шампионите, во спротивно ќе добие отказ и на негово место ќе биде доведен Станковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА