Интер ја заврши потрагата по нов лев бек откако „нероаѕурите“ го договорија трансферот на Александар Коларов од Рома. Овој дел од тимот важеше за приоритет кога станува збор за засилувањата, а Конте долго време преговараше со Челси за ангажман на Емерсон Палмиери. Сепак, лондонскиот клуб не сакаше да ја спушти сумата под 25 милиони евра, по што директорите на Интер веднаш се свртеа кон „планот Б“, седнувајќи на маса со Рома за Коларов.
Србинот се наоѓа на залезот од кариерата, има само уште една година од договорот со „волчицата“, поради што и вредноста на трансферот изнесува само два милиони евра. Така, Интер за минимална сума реши важно прашање за тимот за следната сезона.
За очекување е „нероаѕурите“ во најскоро време да ја активираат клаузулата за целосен откуп на договорот на Сенси од Сасуоло, по што ќе се интензивираат и преговорите со Барселона за Артуро Видал, фудбалер што Конте и минатото лето и во јануарскиот преоден рок се обидуваше да го донесе на „Џузепе Меаца“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

