Интер е принуден да продаде неколку стандардни првотимци од шампионскиот тим поради финансиските проблеми со кои се соочуваат кинеските газди, а уште поголема главоболка ќе биде со намален буџет да бидат доведени соодветни замени.
Тоа е случај и со Ашраф Хакими, извонредниот десен бек кој одигра фантастична сезона по трансферот од Реал Мадрид, за летово прв да си замине во ПСЖ за отштета од 70 милиони евра. Оваа сума се користи за покривање на минусот на клупската сметка, па „нероаѕурите“ сега имаат проблем да најдат соодветна замена на позицијата десен бек.
Прва желба е Шпанецот Белерин од Арсенал, со кого се договорени личните услови. Овој фудбалер е подготвен да потпише договор на пет сезони за плата од 3,5 милиони евра по сезона, но потешкиот дел од задачата ќе биде да се најде заеднички јазик со „топчиите“. Првите две понуди со плаќање на минимална сума за едногодишна позајмица беа експресно одбиени од лондонскиот премиерлигаш, кој е решен доколку Белерин да си замине, тоа да биде со перманентен трансфер.
Арсенал бара 20 милиони евра отштета, но иако тоа е далеку помала сума од заработеното од продажбата нa Хакими италијанскиот првак сепак нема толкав буџет за засилување, па останува да се види дали клубовите ќе успеат некако да се договорат или „нероаѕурите“ ќе мораат да побараат некоја друга опција, достапна на пазарот на позајмица.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА