Интер го договори првиот јануарски трансфер

Интер успеа да го договори првиот трансфер за јануарскиот преоден рок откако ги финишираше преговорите со Бриж за ангажман на Тајон Букенан, канадскиот репрезентативец кој ќе ја засили бековската позиција на актуелниот европски вицешампион.

Неколкуте повреди на оваа позиција од тимот ги натераа челниците на Интер да се активираат на пазарот, а Букенан од самиот почеток беше приоритет на „нероаѕурите“. Преговорите траеја десетина дена, за на крајот Бриж да ја прифати понудата од загарантирани седум милиони евра, со можност трансферот да скокне за уште дополнителни три милиони доколку се активираат сите клаузули.

Се очекува канадскиот интернационалец во следните 48 часа да пристигне во Милано, каде по лекарските прегледи и потписот на договорот веднаш ќе му се стави на располагање на тренерот Симоне Инзаги. Тој своето деби за Интер би требало да го има веќе на 6 јанаури, кога „нероаѕурите“ на домашен терен ќе ја пречекаат Верона.

Букенан важи за одличен офанзивен бек, тој сезонава настапи на 20 средби за Бриж во сите натпреварувања, притоа постигнувајќи три гола и четири асистенции.

Се вчитува...