Дефанзивецот на Бенфика, Виктор Линделоф би можел да направи изненадувачки трансфер во Интер, откако „нероаѕурите“ се подготвени да ја исплатат клаузулата од 60 милиони евра за шведскиот репрезентативец. Калчолигашот е единствената екипа која е спремна да исплати 60 милиони евра, но сакаат сумата да ја исплаќаат во текот на наредните пет години, додека португалскиот првак бара сето тоа да се исплати за три години.
Линделоф беше поврзуван со преселба во Манчестер јунајтед, трансферот на „Олд трафорд“ беше пред реализација во зимскиот преоден рок за сума од 40 милиони евра, но во последен момент продажбата се откажа. Непосредно по откажувањето на овој трансфер, Швеѓанецот стави потпис на нов договор во кој беше ставена клаузулата од 60 милиони евра и ќе важи до 2021 година.
Линделоф се смета за еден од најдобрите и најбараните млади дефанзивци во Европа, па затоа оваа огромна сума која Интер прифаќа да ја исплати, не изненадува. Сезонава настапи безмалку на секој натпревар за Бенфика, а за репрезентацијата на Шведска досега има забележано 11 настапи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА