Распродажбата во Челси ќе продолжи и со случајот на Цезар Азпиликуета, кој во наредните 48 часа би требало да добие раскин на договорот со „сините“ и да потпише со европскиот вицешампион Интер. Италијанските медиуми најавуваат дека веќе е постигнат целосен договор меѓу шпанскиот дефанзивец и раководството на „нероаѕурите“, и тоа за двогодишна соработка што ќе биде официјализирана откако ветеранот ќе ги мине лекарските прегледи.
Азпиликуета лани покажа лојалност кон Челси потпишувајќи нов договор иако беше многу блиску до преселба во Барселона. Тој сепак не е дел од плановите на тренерот Покетино, поради што управата на клубот го прифатила барањето на 34-годишниот фудбалер, да добие раскин на договорот, за потоа како слободен играч да замине во нова средина.
Интер е во потрага по нов дефанзивец по заминувањето на Шкринијар во ПСЖ, а фактот дека Азпиликуета одлично се снаоѓа како десен дефанзивец во формација со тројца последни играчи во одбраната го прави идеално решение за тренерот Симоне Инзаги.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА