Интер го преслуша Лацио во Суперкупот на Италија

Интер е вториот финалист во Суперкупот на Италија откако „нероаѕурите“ во вечерашната полуфинална пресметка славеа над Лацио со сигурни 3-0. Слично како и при последниот лигашки дуел, „лацијалите“ не беа дораснат ривал за тимот на Симоне Инзаги, кој заслужено се радуваше на победата.

Во прилог на „нероаѕурите“ одеше и фактот дека успеаја да го отворат резултатот во раната фаза на мечот, кога по една одлична акција и додавање од левата страна топката стигна до Турам, кој немаше тешка задача од пет метри да ја смести во мрежата. Голманот Проведел спречи втор гол на Интер во првото полувреме, но чуварот на мрежата на „лацијалите“ беше немоќен во вториот дел, кога Чалханоглу од пенал зголеми на 2-0 откако Лаутаро Мартинез беше фаулиран во шеснаесетникот на римскиот клуб.

Лацио мораше да се отвори, а Интер го искористи тоа и со гол од контранапад преку Фратези во 87. минута ги постави конечните 3-0 во ова полуфинале.

Ривал на Интер во големото финале ќе биде Наполи, кој синоќа славеше во пресметката со Фиорентина со убедливи 3-0.

Се вчитува...